Македонија
8. April 2016 - 12:24

Светска банка: Македонија со најбрз економски раст во регионот

Економски раст од 3,7 отсто, најбрз во регионот, намалување на невработеноста на 26,1 процент и на сиромаштијата за два отсто, евидентира Светска банка за Македонија во најновиот редовен Извештај за Југоисточна Европа, што беше презентиран денеска преку видео-конференциска врска истовремено во Беглрад, Сараево, Подгорица, Скопје и Тирана. 

Извештајот го претстави Галина Андонова Винчелете, главен економист на Светска банка за регионите на Европа и Централна Азија, а клучните препораки и предизвици ги соопшти регионалниот директор во Светска банка Елен Голдстин.

Очекувањата на Светска банка за 2016 година се натамошен робустен раст на македонската економија со 3,7 проценти и негово зголемување на четири отсто во 2017-та. Најголем ризик е актуелната политичка несигурност, која, беше речено, мора да се надмине.

- Најбрз раст во 2015 година од земјите во регионот бележи Македонија со 3,7 отсто, а по неа е Косово со 3,6 проценти. Растот се пресликува во создавање нови работни места во приватниот сектор, а тоа и ниската инфлација им помага на приходите во домаќинствата и ја намалува сиромаштијата, беше речено на конференцијата.

Според Извештајот, економскиот раст на Македонија со 3,7 проценти во 2015 година остана робустен и покрај политичката нестабилност. Главно беше движен од приватната потрошувачка, јавните расходи и извозот од странските директни инвестиции. Трговскиот дефицит се намали, а фискалниот беше нешто понизок од проектираниот со Буџетот. Структурата на трошење останува неповолна, јавниот долг бележи благо зголемување, но со нагорна тенденција за во иднина.

- Македонија ги спроведуваше реформите и евидентно беше поместувањето кон раст движен од инвестиции. Но, сега, со политичката неизвесност, повторно се гледа пресврт, растот го движи јавната потрошувачка, истакна Голдстин.

Голем ризик за македонската економија, покрај политичката, е и бегалската криза. 

Светска банка препорачува Македонија да ги надмине политичките превирања и да се насочи кон рестартирање и интензивирање на структурните реформи, намалување на фискалниот дефицит, подобрување на управувањето со јавните финансии и ефикасноста на трошењето, натамошно намалување на сиромаштијата и невработеноста, како и кон  приближување кон стандардите на живеење на ЕУ.

- Пролонгирањето на политичката несигурност би можело да влијае врз одлуките за инвестирање и намалување на економската активност. И ескалацијата на бегалската криза може да биде ризик, особено ако ЕУ одлучи да ги затвори своите граници или значително да го ограничи приливот на мигранти, се наведува во Извештајот. 

Генералниот заклучок за земјите од ЈИЕ опфатени со анализата на Светска банка, е дека тие не само што остваруваат побрз раст, туку и изворите на раст се подолгорочни. Тоа, нагласи Винчелете, е добра вест зашто моделот преминува од раст финансиран од потрошувачка, кон модел кој повеќе се потпира на инвестиции и извоз. Економиите добиваат на конкурентност, но се уште нема пресврт во намалувањето на продуктивноста, нејзината динамика оди во негативна насока. 

- Справување со макрофискалните нерамнотежи како клучно за перманенто поместување кон раст придвижуван од инвестиции, структурни реформи, особено на деловната клима, справување со бариерите за вработување и преголемиот јавен сектор, подобра регионална и глобална поврзаност, интегрирање во регионалните, европските и светските пазари, како и управување со природните ресурси, се главните препораки на Светска банка за земјите од ЈИЕ.