Бизнис
20. October 2017 - 19:33

Светска банка ја намали прогнозата за раст на македонската економија на 1,5%

Значително намалување на прогнозите за растот на македонската економија. Светска банка во последниот извештај проектира раст од само 1,5% на БДП до крајот на оваа година. Априлската проекција изнесува 2,8%.

Ваквиот песимизам, според извештајот на банката се должи на политичката криза од првата половина на годината. Во тој период се намали инветсициската актинвност, падна производствто и извозот. Во првиот квартал БДП стагнираше, а во вториот падна за 1,8%.

Сепак, во Светска банка се оптимисти дека  економијата до крајот на годината ќе се опорави и БДП ќе добие позитивен предзнак, а догодина ќе се стабилизира на 3,2%. Веќе во 2019 БДП ќе стигне до 3,9%. Двигатели на растот ќе бидат потрошувачката поттикната од новите вработувања и иневстициите.

Прогнозите на Владата за растот на еконоимијата догодина ќе бидат впишани во новиот буџет кој е во подготовка. Министерот Тевдовски во интервју за Блумберг рече дека има оптимизам и економијата ќе се стабилизира. Експертите пак велат дека приоритет на Владата не треба да биде бројката на БДП, туку подобриот животен стандард на граѓаните.

Од земјите во регионот годинава највисок раст, според Светска банка, ќе има Црна Гора  4,2 проценти, потоа Косово 4,1 проценти и Албанија 3,6 отсто, БиХ  три проценти, Хрватска 2,9 проценти и Србија 2,3 проценти.