Македонија
26. August 2016 - 15:39

„Светлината на Света Гора“ на Џепароски добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2016

Книгата „Светлината на Света Гора“ од Иван Џепароски е годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик напишана меѓу два фестивали.

Добитникот беше соопштен денеска на прес-конференција, а претседателот на жири-комисијата Вера Чејковска посочи дека книгата на Џепароски е посветена на верата, црквите и манастирите што ја означуваат.

-  Оваа тема овде е развиена како прекрасен лирско-духовен патoпис за„духовната држава“ Света Гора, патoпис кој пулсира со ритамот на минатото, сегашноста и иднината, а кој истите ги престорува во убавина озрачена со светлина, истакна Чејковска.

Џепароски изрази благодарност за наградата посочувајќи дека книгата е инспирирана од неговиот претстој на Света Гора и посетата на сите манастири таму. Средствата од наградата најави дека ќе ги донира половина за настраданите од поплавите во Скопско, а другата половина за изградба на конаците во Бигорскиот манастир.