Македонија
11. April 2019 - 16:14

Светите Кирил и Методиј заеднички ќе бидат чествувани меѓу Македонија и Бугарија

Македонија и Бугарија постигнале согласност за чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј. Во пресрет на денешниот втор ден разговори на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија во Софија, претседателите на двете комисии велат дека е постигнат значителен напредок околу спорните историски прашања.

Шефот на македонскиот тим историчари во изјава за бугарските медиуми оценува дека за краток рок, постигната е согласност околу историските несогласувања меѓу двете земји.

“Ние само за шест-седум месеци успеавме на некои прашања од минатото да погледнеме од друг аспект. Тешкотиите доаѓаат од наметнатите стереотипи низ годините. Идните генерации ќе можат да гледаат на историските личности како на дел од вкупната цивилизација, а не тие да бидат поделени на такви или онакви”, вели Ѓоргиев.

Дополнува и дека биле разменети мислења со бугарската страна за прашања од античкиот и средновековниот период, кои според него, можат да бидат променети.

Според копретседателот на Комисијата од бугарска страна Ангел Димитров, успехот во Комисијата ќе биде постигнат тогаш, кога „на воздржан начин ќе се каже историската вистина“ и нагласи дека несогласувањата се однесуваат на учебниците за основните училишта во Македонија.

“Чекор напред може да се направи. Она за што разговараме, мора да оди на разгледување пред двете влади. Неопходна е политичка волја, што може да доведе до промена на учебниците и целокупната интерпретација на минатото. Се надевам дека свој придонес во тоа ќе дадат и медиумите во двете земји”, нагласува Димитров.

Содржината во македонските учебници е меѓу најспорните точки и за Грција. Утре и задутре во Атина нова рунда разговори ќе има и Заедничкиот комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу двете земји. Пред почетокот на новата средба, предводникот на грчкиот тим Боларис изрази оптимизам дека од септември, македонските ученици ќе учат нова историја.