Македонија
27. January 2022 - 12:23

Свети Николе ќе бара нови решенија за изградба на регионална депонија

Атарот на Светиниколското село Мечкуевци не е погодна локација за изградба на регионална депонија, во која ќе се одлага смет од 19-те општини од источниот и североисточниот регион, смета новата локална власт во Свети Николе. Првиот човек на општината вели дека, огромни колични смет ќе се депонираат и обработуваат во фабриката за отпад, што ќе има негативно влијание врз почвата во Овче Поле, каде се одгледуваат земјоделски култури.

-Ќе направиме се, таа депонија да не започне со работа. Ние стоиме на страна на гласот на народот, на невладиониот сектор, на земјоделците и сите други чинители во општина Свети Николе, изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе. 

Целиот проект чини 46 милиони евра, а ќе се финансира со европски пари. Штип, Куманово и Свети Николе веќе искористија дел од средствата со набавка на камиони и контејнери.

-Свесни сме дека се европски пари и дека можеби е најпаметно да најдеме заеднички став и решение, бидејќи нема ништо почнато со градба, само е на хартија- додаде Владев.

Владев во Министерството за животна средина понудил друга локација, во близина на село Богословец, меѓутоа добил негативен одговор, зашто веќе е изработена студија во вредност од 850 000 евра. Како последна солуција, градоначалникот најавува и распишување на референдум, на кој светиниколчани ќе се изјаснат дали се за или против изградба на депонија на избраната локација во нивната општина.