Македонија
11. July 2020 - 19:40

Свети Николе е ново жариште на корона

Свети Николе прераснува во ново жариште на Ковид 19. За само две деноноќија регистрирани се 55 нови случаи во малата општина во срцето на Овче Поле. Со нив бројката на вкупно активни случаи се искачи на 105. Според информациите од Општинскиот кризен штаб, првите случаи што се појавија во оваа општина се поврзани со вработени во штипските конфекции. Од тогаш вирусот континуирано и забрзано се шири. Вчера две конфекци во Свети Николе ставија клуч на врата. Скринингот на 209 вработени во конфекцијата Мода АД покажа дека 35 текстилни работнички се позитивни на вирусот. Затворена е и компанијата Кемтекст, поради тоа што вработените делеле иста кујна. Поради страв од ширење на заразата од понеделник ќе се тестираат сите останати вработени во компаниите.

Расте бројот на позитивни и во Штип. Во моментот активни се 165 случаи. На инфективното одделение хоспитализрани се 50 пациенти од Истиочниот регион. Според информациите од министерството за здравство, еден од 8-те денес починати е жител на Штип.