Македонија
23. November 2020 - 16:39

Сведоштва: Повозрасните од 70 години не се примаат во болница - Здравствените власти демантираат

76 годишна жена со корона вирус и во влошена состојба  не била примена во Ковид центарот во ГОБ “ 8 септември“ бидејќи креветот го чувале за некој помлад. Неколку дена по смртта на пациентката нејзината ќерка на социјалните мрежи напиша за голготата низ која поминале. Повикале Брза помош, но и тие не знаеле каде да ја носат зошто не им ги примале пациентите во болница, особено постарите

-По 30 минутно чекање во комбето, докторката се враќа  и ни кажува дека нема да ја примат, едноставно над 70 години не примаат во “ 8 септември“, жената подоцна ја однеле на Гастро на Клинички каде после неколку часа починала, пишува ќерката и го повика министерот Филипче јавно да каже дали навистина има забрана за прием на постари пациенти во ГОБ?

Од министертсвото за здравство информираа дека побарале ДСЗИ да изврши вонреден инспекциски надзор  за да се утврди дали и повозрасни се хоспитализираат во болницата и констатирале дека од 107 лежечки пациенти, 38 се од 68 до 88 години.

И директорот тврдел дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран, соопштија од МЗ.

Ова е само еден од примерите кои на неколку  групи на социјалните мрежи за искуства со Ковид граѓани реагираат дека немало кревети во болниците. И друга ќерка вчера напиша дека била известена од Брза помош дека немало слободни места за сместување.

Други граѓани пак се жалат дека и покрај симптомите воопшто не биле прегледувани од матичните и сами си плаќале приватни сестри за терапија и лаборатории за анализи.  

Има и луѓе кои бараат контакти од ковид центрите за да дознаат каква е состојбата на нивните блиски.

Од друга страна има и голем број задоволни граѓани јавно им се заблагодаруваат на медицинските лица за помошта и негата додека лежеле во болница поради компликации од Ковид-19.