Македонија
23. April 2018 - 12:24

Сведок во „Тенк“: Кога се пукаше во Јегуновце, министерката Јанкулоска ја криевме во објект бидејќи немавме блиндирано возило

Шефот на обезбедувањето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Виктор Белевски, е првиот сведок на денешното рочиште во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот. Тој рече дека од сите блиндирани возила, тоа што го користел екс премиерот Никола Груевски било најпроблематично.

– Под моја надлежност беа сите возила кои ни припаѓаат, едно од тие беше и мерцедесот произведен 1999 година. Наредните десет години додека ги користевме најпроблематично беше тоа возило. Имаше проблеми со откажување на кочниците, климата и амортизерите. Во еден наврат дојдовме во вербална расправија со министерката Јанкулоска за тоа возило. Бидејќи не беше сигурно, инсистирав да се повлече од служба. Таа одговори дека друго немаме и тоа што имаме тоа ќе го користиме – рече шефот на обезбедување.

Тој кажа дека старите возила кога ќе се расипеле за поправка се чекало подолг период, бидејќи биле комплицирани и околу набавката на деловите. Тоа траело со месеци и морале, како што рече, да се снаоѓаат со останатите возила на ВИП личностите. Позајмувале возила и кога доаѓале странски делегации, а со тоа ја загрозувале безбедноста на домашните ВИП личности.

Сведокот зборуваше и за ситуации кога немале блиндирано возило бидејќи го позајмувале тоа на Јанкулоска.

– Во 2011 на средба со граѓани во Јегуновце се случи инцидент каде имаше вооружен судир меѓу криминална банда и МВР. Ние се најдовме во средина на тоа препукување каде морав да интервенирам, а бидејќи немав блиндирано возило министерката ја сместивме во најблизок објект кој според моите проценки беше безбеден. Од друга страна, им наредив на моите потчинети што поскоро да обезбедат блиндирано возило и да дојдат на местото на настанот. Тоа траеше околу еден час за да можеме да ја повлечеме министерката и да се повлечеме – раскажа шефот на обезбедувањето на Јанкуловска.