Македонија
6. October 2020 - 10:58

Сведоци даваат исказ за „Титаник“

Со сослушување на сведоци, предложени од обвинителството, во Основниот кривичен суд продолжува судењето за изборни нерегуларности „Титаник“.

Првиот сведок Панче Коцев од Неготино, на прашање од јавниот обвинител Лиле Стефанова, дали некогаш донирал парични средства за политичка партија, рече „не, никогаш не сум донирал“.

Прашан дали знаел дека некогаш се донирани средства во негово име на политичка партија, сведокот, исто така, рече дека не знае за такво нешто.

Втора сведочеше Кристина Велевска од Скопје, која рече дека во периодот 2011-2014 има плаќано членарина и донации на политичка партија.

– Без оглед дали е членарина или донација. Сум плаќала и лично, и сум давала на луѓе кои уплаќале за мене, рече сведокот.

За висината на уплатите, кажа дека не се сеќава, затоа што било одамна и во повеќе наврати.

– Членарината, во полна доверба сум ја давала на благајник на месен комитет или секретар. Некогаш добивав каса прими, некогаш не. Парите ги уплаќав за ВМРО-ДПМНЕ, изјави Велевска.

На вкрстено прашање од Илија Димовски, дали може да заклучи дека знае повеќе лица од месниот комитет кои донирале средатва за партијата, сведокот рече да.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.