Македонија
21. February 2019 - 19:18

Сведочеше обвинет кој наредил да се отворат вратите на Собранието на 27. април

Наредба за отворање на вратите од Собранието на 27 април 2017 година даде тој што нарачуваше полици за во село, рече обвинетиот Влатко Трајковски, алудирајќи на тогашниот претседател на законодавниот дом Трајко Славески. Во своите завршни зборови Трајковски нагласи дека доколку пратениците Мукоски и Василевски не ја испочитувале оваа наредба, ништо од тоа што се случило тогаш немало да се случи.

Во финалната етапа на судскиот процес, завршни зборови даваше и Вилијам Михајловски, според кого законот за амнестија бил селективен и наменет за одредени лица. Потенцираше дека сите кои сега се наоѓаат во притвор биле изманипулирани од политичките елити.  

Никола Митревски Кољо пак рече дека влегувањето во Собранието било резултата на емоциите и чуствата кон својата татковина, кои што во претходниот период им биле наметнати од политичарите. Вели дека притворените биле предадени и пуштен низ вода. Истакна дека не добил наредба за влез во Собранието од никого, дека презема одговорност за влегувањето и стои позади секоја негова грешка.

Александар Василевски-Нинџа, кој беше последниот кој требваше да даде завршни зборови за овој процесизрази жалење за настанот и за сите повредени. Повтори дека командно оперативниот штаб од каде се координирал нападот бил сместен во објект во центарот на Скопје. Рече дека не добил никаква наредба од неговиот брат, кој во тој момент се наоѓал во Виена, туку дека телефонскиот разговор бил остварен откако тој претходно му исратил СМС порака, поради здравствената состојба на нивната мајка.

Претседателката на судечкиот совет, Добрила Кацарска, која го води случајот вчера изјави дека во текот на идната недела ќе биде соопштена пресудата.

За крвавиот четврток беа обвинети вкупно 33 лица, но со Законот за амнестија 15 од нив беа амнестирани.