Македонија
9. July 2018 - 17:11

Сведочења во случајот „насилство пред општина Центар“

Партиски членови на СДСМ три рочишта по ред сведочат  за протестите пред Општина Центар од пред 5 години. Сите без исклучок пред судот констатираа дека демонстраните кои ги прекинале општинските седници на 7 и 10 јуни 2013-та година, биле координирани и организирани од нивните политички противници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна одговарајќи на прашања на адвокатите, советниците на СДСМ посочија дека на протестите не забележале пароли и обележја на ниту една политичка партија, не бил повреден ниту еден советник, а Шиповиќ како претседател на советот неколку пати излегол во дворот на општина Центар и се соочил со граѓаните.

Сите сведоци препознаа дел од обвинетите. Тврдат дека биле дел од толпата која со тврди предмети и погрдни зборови се обиделе да ја прекинат седницата на чиј дневен ред биле измените на неколку детални урбанистички планови. 

Идентичниот начин на сведочење го поттикна обвинетитот Миле Јанакиевски да ги праша советниците на СДСМ дали претходно биле на координација во Специјалното обвинителство, но доби негативен одговор.

Покрај Јанакиевски, за поттикнување и организирање на протестите пред Општина Центар обвинети се и екс-премиерот Грувески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 8 други лица. Судењето со исказ на сведоци продолжува во петок.