Македонија
6. July 2018 - 16:30

Свечена заклетва на јунската 35. генерација војници на доброволно служење во АРМ

Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес денеска свечена заклетва дадоа војници на доброволно служење во АРМ од генерацијата јуни 2018.

Пред нивните родители, роднини, пријатели и старешини кои ќе ги обучуваат во наредните три месеци, свечено дадената заклетва од името на ГШ на АРМ им ја честита заменик началникот генерал - мајор Азим Нуредин.

- Да се биде војник е посебна чест, со денешниот чин на давање свечена заклетва вие се обврзавте дека ќе ги браните највисоките уставни и човекови вредности. Со овој чин вие го отпочнувате процесот за вашата обука, за што длабоко сум уверен дека успешно ќе ја завршите и ќе се приклучите кон генерациите кои успешно ја завршиле обуката оспособени за одбрана на Р.Македонија. Служењето на воениот рок за кој доброволно се пријавивте ќе има влијание и врз вашиот понатамошен животен пат, пред се, поради искуството кое во наредниот период ќе го стекнете во АРМ, нагласи генерал мајорот Нуредин.

Честитки до 68-те војници од класата, меѓу кои и 15 девојки, упати и потполковник Арбен Јакупи, командант на Центарот за индивидуална обука - ЦИО, кој е во склоп на Командата за обука и доктрини ,каде се изведува воената обука.

По завршување на тримесечната воена  обука најголем дел од тие што успешно ќе ја завршат имаат можност да останат и да се вработат во АРМ, преку конкурсите за професионални војници, а понатаму со дообука да станат и старешини во редовите на Армијата.