Македонија
7. December 2015 - 21:03

Свечена академија по повод празникот Св. Климент Охридски

Во пресрет на утрешниот државно-црковен празник Св. Климент Охридски, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност вечерва се одржа свечена академија за делото на првиот словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Ја организираше Македонската православна црква - Охридска архиепископија, под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија.

На академијата присуствуваа претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски,  архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ректори и декани на државните универзитети, министри и заменици-министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа, на државните институции, студенти и ученици.

Осврнувајќи се на животот и делото на Свети Климент, г. г. Стефан во своето обраќање упати јасна порака - „ние, Македонците, како народ со милениумски православен идентитет, во овие тешки времиња на постојани искушенија, видливо спротивставени политички интереси на големите сили и преселби на народите од афро-азиските простори, ќе опстоиме само доколку сме единствени, доколку ги зачуваме Црквата, државата, јазикот, името и се што е наше македонско“.

- Во времиња кога принципите за еднаквост и почитување на разликите со другиот се нарушуваат на сите страни, кога употребата на оружјето стана секојдневие во многу средини и меѓу многу народи, кога човечките животи и постигнувања се обезвреднети до најниско скалило, крајно време е да им се вратиме на трајните вредности, вредности коишто единствено можат да осигураат мир меѓу сите – да се вратиме на љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето, потенцира г.г. Стефан. 

Според него, Свети Климент и во ова денешно време би имал на што да не поучи и што да ни порача.

- Тој и сега, преку устата на светиот апостол Павле би ни рекол – браќа, ве молам, меѓу вас да нема поделби. Но делбите меѓу нас, и овде во Татковината и меѓу иселените Македонци, особено по партиски, црковни и други основи, за жал, ни стануваат се подлабоки, и се потрагични. Се понагласено е нетрпението, па дури и непријателството меѓу нашиот народ. Со таквата состојба придонесуваме други да решаваат и да одлучуваат за нашите недоразбирања и меѓусебна недоверба. Стигнавме до граѓански судови и меѓународни посредништва. А искуството покажува дека барањето правда и помош пред и од други, било и ќе биде штетно и за црковните, и за државните, и за националните и за сите интереси на македонскиот народ. Зарем не гледаме кој добива од кавгите меѓу нас, и сега, и во минатото, посочи г.г. Стефан.

Црквата, додаде, имајќи го вековното искуство, и денес го повикува нашиот народ на духовно единство и меѓусебно почитување, покажувајќи потребен духовен раст и чувство на одговорност, поучени од светиклиментовата мудрост - сами да одлучуваме за своите проблеми.

- Никој друг подобро нема и не може да ги разбере нашите потреби, и колку побрзо го разбереме тоа, толку подобро ќе биде за сите. А тоа би било радост и за свети Климента и за сите наши светии, великани и борци за духовната и националната слобода на нашиот народ, подвлече г.г. Стефан.

Премиерот Никола Груевски се осврна на, како што рече, врвните етички вредности и принципи на кои упатува делото на Свети Климент. Зборуваше за актуелните состојби во државата, за изборите, бегалците, мигрантите, за образованието, демографијата, наталитетот,... Најави и два нови проекта, за студентите и средношколците.

- Бројките за наталитетот се немилосрдни. Шеесет години наназад Македонија бележи надолен тренд. Ако не ги подобриме, уште повеќе ќе се влошуваат, порача премиерот.

Деканот на Филолошкиот факултет во Скопје проф. д-р Славица Велева која ја отвори свечената академија, нагласи дека духовното, просветителското и културното дело на Свети Климент Охридски, како и неговата заслуга за зачувувањето на кирилометодиевската традиција имаат општоцивилизациски вредности, оставаат траги  во сегашноста и истовремено испраќаат универзални пораки во иднината.

- Во нашата современа меморија Свети Климент Охридски е изворот на нашето духовно и културно себепрепознавање, себеидентификување и себепочитуваање. Неговиот благопоучен дух остава траги и за нас и за идните поколенија. Ни останува обврската следната година со самопочит и богољубиво, како и цивилизациски, да се посветиме на достојното споменување и чествување на нашиот духовен заштитник, истакна Велева. 

Идната, 2016 година, ќе се одбележат 1.100 години од смртта на Св. Климент Охридски и 1.130 години од основањето на Охридската книжевна школа.