Македонија
8. November 2016 - 15:44

Свечена академија по повод 110 години од раѓањето на генерал Михаило Апостолски

Со свечена академија и настапи на Воениот оркестар на АРМ и ансамблот за народни игри и песни „Танец“ денеска Министерството за одбрана одбележа 110 години од раѓањето на генерал Михаило Апостолски. 

Во рамки на јубилејот во холот на Домот на АРМ  е изложена и музејска поставка на слики, архивски материјали и предмети од генерал Апостолски.

Деканот на Воената академија „Михаило Апостолски“ Орце Поповски на отворањето рече дека на овој свечен ден го чествуваме двојниот јубилеј 110 години од раѓањето на македонскиот воен теоретичар, научник, политичар, историчар, лидер и командант, генералот Михаило Апостолски, како и 20 години откако воената академија со гордост го носи неговото име за патрон.

- Ако денеска генералот Михаило Апостолски беше меѓу нас и тој ќе се гордееше со Воената академија, која веќе претставува значајна воена високообразовна и научно-истражувачка институција, која создава сестрано образовани кадри, силни и цврсти морални личности и примери за углед. Ќе се гордееше зошто покрај офицерската кариера науката му беше во душата, за што сведочат неговите врвни научни достигнувања, како на домашен така и на меѓународен план, рече Поповски.

Од неговиот избор за патрон до денеска, продолжи Поповски, на академијата се ангажирани голема плејада ентузијасти, професори и соработници, кои пренесувајќи го своето знаење и вештини на питомците и студентите придонесувале за развојот и угледот на институцијата.

Поповски во името на воената академија „Михаило Апостолски“ во знак на благодарност и соработка им врачи јубилејни плакети на началникот на Генералштабот на АРМ, Сојузот на борци на МОБ, Здружението на генерали на Македонија, семејството на генерал Михаило Апостолски и ансамблот „Танец“.

Верка Бундеска од Сојузот на борци на Македонија рече дека најмалку што може да се направи за генералот Михаило Апостолски и неговите соборци е да се потсетуваме на времето и борбата во која народот се бореше за опстанок и социјална и национална слобода.

- Како човек примарна улога давал на човекот, на поединецот, кој бил и останал најзначаен чинител во борбата. Ги ценел квалитетите на избраниот кадар, односно правел најсоодветен избор во даден момент и ситуација. Сметал и бил во право дека старешинскиот кадар и секој борец треба да ги развива највредните достигнувања од борбената пракса и да ги применува, рече Бундеска.

На свечената академија присуствуваа и заменикот началник на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Мухамед Рацај и дополнителниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов.

Генерал Михаило Апостолски (Ново Село, 8 ноември 1906 - Дојран, 7 август 1987) бил македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој.