Македонија
7. December 2016 - 15:17

Свечена академија на Педагошкиот факултет по повод празникот Св. Климент Охридски

Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска одржа Свечена академија по повод патрониот празник 8-ми Декември, денот на големиот просветител и учител Св. Климент Охридски и јубилејот 1100 години од неговото упокојување.

Министерот за образование и наука Пиштар Љутвиу во своето обраќање истакна дека Педагошкиот факултет претставува пример, како една образовна институција треба да се посвети на една дејност која е важна за развојот на државата.

- Педагошкиот факултетот е реномирана вискообразовна устанува која со искажаните наставни и научни достигнувања претствавува пример како треба да се посвети на една дејност, која е многу битна за здравиот развој на државата и општеството во целина, а тоа е образованието, рече министерот Љутвиу.

Тој додаде дека оваа установа со голема посветеност ги следи современите достигнувања во научните дисциплини и методите кои се релеванти за формирање на еден професор, за одделенска настава и предучилипна возраст, а која се одвива на три јазици.

Деканот на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ Емил Сулејмани информира дека факултетот во својата богата традиција на Педагошката академија се подготвува кадар за предучилишни установи, одделенски настаници на македонски, албански и турски јазик, и дека на факултетот прв пат во Македонија се организраат студии по библиотекарство.

- Славиме 21-годишнина од основањето на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, и славиме 1100 години од нашиот светец Климент Охридски. Ние со гордост го носиме тоа име и сме една од институциите која што продуцира кадар за одделенска, предучилишна настава и за библиотекарство во рамките на Република Македонија, рече Сулејмани.

Педагошкиот факултет, според него,  ја одсликува општествената реалност на мултикултурализмот и културната кохезија на нашата земја. Потенцира дека да се биде наставник не е едноставна работа и дека се надева оти наставниците ќе го добијат своето заслужено место во општеството.

Во рамки на факултетот постојат центри за педагошко истражување и анализи, за перманентно образование,  кариера и методичкиот центар. Со програмите со кои се усвоени центрите, според деканот Сулејмани, ќе се придонесе за ширење на дејноста на факултетот во сферата на истаражувачката работа, методичкото оспособување на наставниците и нивно постојано усовршување. Факултетот организира втор и трет циклус на студии како и настава за педагошка доедукација за кандидатите од другите факултети.

Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолите сесловенски браќа Кирил и Методиј. Климент е достоен наследник и продолжувач на нивното дело кој подготвил многубројни ученици и оставил забележителни литературни творби. Свети Климент го придружувал својот учител Свети Методиј уште од неговата рана младост и со свои очи ги видел сите дела на „Учителот“, кого си го поставил за пример во својот живот. Тоа му овозможило да се здобие со извонредно образование и големо пастирско и мисионерско искуство. Тоа искуство особено ќе му послужи во неговата црковна и просветителска служба во Македонија, којашто уследила по смртта на Свети Методиј.

Со просветлувањето на народите преку писменост и проповед, со просветлувањето на мислата и умот со „боговдахновени книги“, свети Климент оставил длабок белег во македонската историја. Но, не само тоа, тој заедно со своите учители тргнал по пат кој ја променил судбината не само на Словените, туку и на Европа.

Свети Климент Охридски ја формира Охридската книжевна школа или попозната како прв словенски Универзитет, од кој како подготвени излегле 3.500 ученици.