Македонија
7. September 2016 - 9:00

Свечена академија и „Бела ноќ“ по повод Денот на независноста

Во пресрет на државниот празник 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија, вечер во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија на која ќе се обрати претседателот Ѓорге Иванов.

Свечената академија, по која ќе следува и концерт со револуционерни песни, е централен настан во програмата на Владата на РМ за  одбележување на 25-годишнината од осамостојувањето.

На концертот премиерно ќе биде промовирано второто аудио издание „Непокор“ кое Македонската радиотелевизија го продуцираше со поддршка на Министерството за култура. Најпопуларните македонски револуционерни песни во придружба на оркестар ќе бидат изведени од познати пејачи на народна и забавна музика, како Наум Петрески, Ѓоко Таневски. Димитар Андоновски, Наташа Малинкова, Виктор Апостоловски, Ленче Кукиќ, Сузана Турунџиева, Миле Кузмановски Катерина Танева, Горан Кукиќ, Наде Талевска и Ристо Самарџиев. Концертот во живо ќе го пренесува МРТ.

Во чест на утрешниот празник вечер ќе има и манифестација „Бела ноќ“ која на граѓаните ќе им овозможи бесплатен влез во национаните и локалните институции од културата низ Македонија. Содржините за годинашното чествување на 8 Септември на прес-конференција ги соопштија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и ги повикаа граѓаните да ги посетат музите, театрите и библиотеките кои вечер ќе имаат продолжено работно време. 

Националните и локалните установи од културата во Скопје ќе понудат различни содржини во Белата ноќ. Во МНТ пред и по свечената академија и концертот ќе бидат изведени претставите „Парите се отепувачка“ (од 18 часот) и комедијата „Свадбата на Фигаро“ (од 23 часот), а музејот во МНТ ќе биде отворен 24 часа за посетители.

Операта и Балетот денеска гостуваат во Битола и Белград, така што МОБ по повод Денот на независноста вечер на платото ќе организира претстава за деца „Малата волшебна флејта“. Драмски театар-Скопје ќе ја изведе „Госпоѓица Јулија“, а Театарот за деца и младинци - „Македонска приказна“. 

Музејот на современата уметност до 22 часот ќе прикажува документарни филмови, а во Кинотеката на Македонија ќе има проекции на три нови македонски филмови („Лазар“ од 18 часот, „До балчак“ од 20 часот и „Три дена во септември“ од 23 часот), како и  изложба на филмски плакати.

Во Младинскиот културен центар ќе биде отворен мурал на ликовната група Зеро, а ќе настапи и англискиот панк-бенд „The Membranes“ кој е на балканска турнеја. 

Конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе организира настапи на музичари, групи и уметници на пет плоштади во центарот на Скопје почнувајќи од 19 часот. Парадно дефиле низ улиците на Скопје од 18 часот ќе има и Градскиот дувачки оркестар при Младинскиот културен центар. 

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, пак, по повод 8 Септември денеска ќе им доделува бесплатни членства на сите првачиња на територијата на Скопје. Зачленувањето нема да биде само во матичната библиотека, туку во сите централни библиотеки и во сите 14 клонови што ги покрива „Браќа Миладиновци“.

Изложби, концерти, претстави ќе има и во Културно-информативниот центар, во трите галериски објекти на Националната галерија на Македонија, Македонската филхармонија, театарот „Комедија“,  Детскиот културен центар „Карпош“, Домот на културата „Кочо Рацин“, во сите музејски установи....

Одбележувањето на 25-те години независност почна во саботата со  изложба на плоштадот „Македонија“ организирана од Државниот архив на Република Македонија, на која беа претставени сите значајни настани во државата во изминатите две и пол децении. 

Вечерашната „Бела ноќ“ е по повод Денот на независноста и, покрај во Скопје, ќе се одржува во другите градови низ земјава.  Редовната „Бела ноќ“ во главниот град ќе биде на 1 октомври, како и во европските метрополи.