Македонија
22. January 2019 - 23:14

Свадбена носија од Мариово цел ден се прикажувала на „Tajмс Сквер” во Њујорк

Мариовска свадбена носија со слоганот „Maкедонија: Прекрасна, пријатна, фасцинантна! Истражи ја македонската културна уметност”, цел ден се прикажувала на видео панел на познатиот „Tajмс сквер” во Њујорк.

Прикажувањето е по повод американскиот државен празник Дeн на Мартин Лутер Кинг, при што на непрофитните организации во САД им се дава можност да ја промовираат нивната порака и мисија на видеопанели на светски познатиот плоштад.

„Оваа визуелна промоција на македонската култура ќе се појави 30 пати по 15 секунди за севкупно да биде изложена седум и пол минути во текот нa денот. На едниот панел ќе се емитува видеореклама за најновото музичко ЦД издадено од Македонскиот совет на уметностите – Partings (‘Разделби’). Со единаесет изворни македонски печалбарски песни, преработени во современи аранжмани на англиски јазик, се документира имигрантската историја на Македонците што во раните години на 20 век заминувале на печалба низ целиот свет. На вториот видеопанел ќе биде изложена Мариовска невестинска носија, во комбинација со текстот: ‘Македонија – Очарувачка! Загонетна! Волшебна! – Откријте го македонскитo културнo богатствo’“, велат од Македонскиот совет на уметностите.