Македонија
29. September 2022 - 16:33

Сузбивањето на корупцијата во општеството е само на хартија - антикорупционерите се жалат, САД повикуваат на политичка волја

Коруцпијата е широко распространета во општеството, а сузбивањето е само теоретско.  Ова е заклучокот на Институтот за човекови права кој ги следи државните планови за борба против корупција.

„Голем број на институции имаат направено свои планови, своја, таканаречена стратегија во борба против корупцијата, меѓутоа, тоа е на ниво на теорија, а во пракса се уште немаме некои резултати“, изјави Маргарита Цаца Николовска од Институт за човекови права.

Слаба реализација на плановите, регистрира и антикорупциска. Разочарани се што половина година Собранието не одвоило време да го разгледа годишниот извештај за исполнување на активностите предвидени во националната стратегија.

„Работевме напорно, направивме софтвер кој ги следи активностите по институции, кој колку завршил, но, за жал, ниту активностите се завршени, 20 отсто само се реализирани од оние предвидени во Стратегијата, ниту пак некој е повикан на отчет пред надзорна комисија во Собранието“, изјави Билјана Ивановска, Претседател на Државна комисијата за спречување на корупција.

Дека бавно се одвива борбата со корупцијата признаат и во владата, но велат дека ги преземаат сите активности за спречување на корупцијата.

„Свесна сум, за жал, дека ваквиот прогрес не може да биде преку ноќ. Ова се политики и активности кои секојдневно бараат многу голем напор и енергија за придвижување на сантиметар по сантиметар. Ако е можно да се направеше преку ноќ, дефинитивно ќе го направеме тоа“, изјави, Славица Грковска, Вицепремиер задолжен за политики за добо владеење.

Од амбасадата на САД порачаа дека е неопходна политичка воља да се сопре корупцијата. Велат тоа е клучно за прием во ЕУ, но и задржување на младите во државата.

„Во моите разговори со одлични брилијанти млади луѓе, слушам дека се разочарани од нивната држава, од институциите и сакаат своите вештини да ги искористат во други земји. Тие се разочарани од тоа што немаат можности тука и едноставно гледаат дека потребно е да имаат политички врски  за да можат да се вработат и да напредуваат“, изјави Ерик Мајер, Зам шеф на мисија во Амбасада на САД во Скопје.

И покрај лошата реализација на плановите, од антикорупциска велат дека се почесто граѓаните препознаваат и пријавуваат коруптивно однесување.