Македонија
22. February 2021 - 16:43

Суспендиран вакцинираниот правник од Охрид - Дали одговорноста е само негова?

Разрешен и суспендиран секретарот на охридската болница Антонио Наумоски од страна на директорот по барање на министерството за здравство кој спротивно на Националниот план за Ковид имунизација се вакцинирал преку ред во модуларната болница во Скопје.Од министерството за здравство велат дека ја осудуваат секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на ковид имунизација.

„Укажуваме дека никој кој не е здравствен работник, опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира“, стои во соопштението на министерството за здравство.

Секретарот на Општата болница Наумоски соопшти дека oд денес е на боледување и дека одлуката за негово суспендирање ќе ја коментира кога ќе му заврши истото и  најави дека ќе ја обжали одлуката и ќе поднесе соодветни тужби.

Тој вчера во телефинска изјава потенцира дека не чуствува одговорност бидејќи бил дел од кризниот штаб и во постојан контакт со медицинскиот тим кој влегува во Ковид центарот.

 Од министерството за здравство апелираат до сите здравстени установи, кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до националниот систем Мој термин, дека за непочитување на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции.