Фудбал
12. January 2016 - 12:52

Суперкупот во 2017 фудбалска и бизнис промоција за Македонија

Честа што ја доби Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со доделената организација на Суперкупот во 2017-та година во кој ќе настапат освојувачите на Лигата на шампиони и Лига Европа во сезоната 2016/2017, се очекува да донесе стимул за домашната економија.
 
 
 
Според проценките на бизнис порталот Денар.мк во соработка со спортскиот интернет медиум „Дерби“, максималната туристичка вредност на еден ваков настан е околу 30 милиони евра, но сумите можат да варираат согласно дестинациите од каде што доаѓаат туристите, односно стандардот во нивната матична земја.
 
Иако вкупниот капацитет на националната арена е 33.460 седишта, според анализата се очекуваат најмалку 15 илјади странски фудбалски фанови кои ќе остварат по три ноќевања и ќе ги посетат македонските угостителски локали. Можно е голем број од нив да имаат семејна придружба која нема да биде заинтересирана за фудбалскиот натпревар на арената „Филип Втори“ или да останат во Македонија и некој ден повеќе зависно од фреквенцијата на авионите или од желбата да посетат повеќе места во нашата земја.
 
Од потенцијалните гости кои би барале евтино сместување во хостели, па се до оние со желба да си дозволат нешто поудобно или полуксузно, а надополнето со трошоците за исхрана, превоз и посета на натпреварот, пресметките се дека без 200 евра по човек не би било можно да поминат 3 дена, додека оние кои ќе бараат сместување со пет ѕвездички, најдобри влезници и гурмански специјалитети, веројатно се подготвени за патување од соништата кое тука можат да го реализираат со буџет од илјада евра. Покрај овие импозантни бројки, малку нереално звучи кога ќе се додаде дека тоа не е се.
 
Имено, промоцијата што како држава и дестинација Македонија ќе ја добие меѓу туристичките сладокусци, ќе дојде сосема бесплатно. Прилозите на стотици врвни медиумски куќи кои ќе бидат присутни ќе говорат за земјата домаќин, при што вообичаено е најавните содржини секогаш да бидат во позитивна конотација. Како спортски „деликатес“ кој потекнува од евро-азиското ќоше на светот, потенцијалната публика на која би се обратиле медиумите од Велика Британија до Далечниот Исток надминува три милијарди луѓе.
 
„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан“, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
 
ФФМ со добиената доверба од УЕФА за организација на Супер купот 2017 станува еден од најголемите амбасадори на Македонија, промотор на фер-игра, на социјално и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество. Ова признание е резултат на добрата работа на ФФМ, на почитта која ја ужива во УЕФА, да досегашните активности и пред се во спремноста да биде сериозен партнер во реализацијата на врвно спортско натпреварување.Суперкупот на УЕФА ќе се одржи на 8 август 2017 година.