Македонија
12. September 2019 - 13:41

Сугаревски: Патот Маврово – Никифорово ќе биде готов до крајот на октомври

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов денеска направија увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Маврово – Никифорово. Патот е долг 6,6 километри и во тек се активностите за асфалтирање што се очекува да завршат следниот месец.

Министерот Сугаревски нагласи дека градежните работи се одвиваат со забрзана динамика и очекува следниот месец овој пат да биде завршен.

– Маврово и Реканскиот карај се многу значаен регион каде е потребно да го развиваме туризмот од сите аспекти. Нашите залагања и примарен фокус е да обезбедиме подобри услови во патната инфраструктура. Наша надлежност е да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот, изјави министерот Сугаревски и напомена дека во тек се повеќе активности за подобрување на инфраструктрута во овој регион.

Инвестицијата за предвидените активности за рехабилитација на патот што води од селото Маврово до Никифорово е 53 милиони денари, и е дел од Програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на патиштата.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, ги најави и проектите кои се одвиваат на терторијата на Општина Маврово Ростуше за која, како што рече, изминативе четириесетина години не било вложувано во патиштата во овој крај.

– Работите се во завршна фаза и се поставува асфалтниот слој и ова е дел од активностите кои се предвидени за овој крај. Наскоро треба да заврши и рехабилитацијата на еден дел од патот Маврово Анови-село Маврово, а се очекува да биде и санирано свлечиштето на патот од Маврово до Галичник. Наскоро треба да биде завршен и тендерот, и очекувам скорешен почеток на работите на регионалниот пат на делницата Маврови Анови-Жировница вреден над седум милиони евра, рече Китанов.

За овој патен правец, како што нагласи Китанов, средствата се обезбедени преку ЕБОР и рехабилитацијата да заврши идната година.

Според најавите на Китанов и Сугаревски, делницата од селото Никифорово преку Леунови се до месноста Бунец, со што ќе се заокружи целото Мавровско езеро. Ќе почне оваа есен и ќе трае до идната година. Предвидено е реконструкција на патот за проширување на коловозот и поставуавње на нов асфалтен слој.