Бизнис
23. February 2018 - 12:50

Сугарески - Жбогар: Изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица во предвидените рокови

Изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица на Коридорот 10, проект што се реализира со поддршка од Европската унија, ќе се движи во рамки на предвидените рокови, навел министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска на средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Преку законски измени, посочил Сугарески, олеснети се постапките за ставање на автопатот во функција.

На средбата се разговарало и за изградба на железницата на Коридор 8, проектот за реконструкција на 10-те железнички станици на Коридор 10 и Коридор 10 д  како и изградбата на експресниот пат Градско-Дреново втора фаза која е финансирана со грант од Европската Унија.

Станало збор за проектите што се поддржани од Европската унија и нивната реализација.

- Како Влада максимално сме посветени на нивна реализација бидејќи поддршката што ни ја овозможува Европската Унија е од огромно значење за економскиот развој на Република Македонија. Како Министерство за транспорт и врски задоволство ни е што имаме таков партнер и се надевам дека ваквата соработа ќе продолжи и во иднина, рекол Сугарески