Македонија
30. January 2018 - 20:58

Сугарески: За околу три години ќе се продолжи изградбата на автопатот Кичево-Охрид

 Со анексот што ќе биде склучен со кинески „Синохидро“ рокот за изградба на автопатот Кичево - Охрид, ќе се продолжи за околу три години, а за дополнителната сума за која ќе се склучи друг анекс, не сакам да шпекулирам, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Јавноста, како што потенцира, треба да знае за пропустите, а дополнителната сума по тој основ ќе биде соопштена по проценката што ја прават реномирани светски куќи. Анексот за дополнителните пари, ветува Сугарески, ќе биде објавен јавно.

Реализацијата на автопатот сега е околу 50 проценти, а сегашниот договор за изградба изнесува 374 милиони евра.

Според динамиката на изградба, во текот на годинава, како што рече, треба да биде завршен автопатот Миладиновци - Штип, каде исто така се пролонгираше рокот за изградба. 

Инвестицијата во патната инфраструктура годинава ќе изнесува 270 милиони евра.

Според Сугарески, со максимална посветеност може да се реализира ветувањето за завршување на пругата кон Бугарија  до 2025 година. Најави интензивирање на работите на делницата Куманово-Бељковце,  а до јуни годинава да се избере изведувач за втората делница Бељаковце-Крива Паланка, за каде се обезбедени средства. Третата делница,  Крива Паланка - ГП „Деве Баир“, иако е најкратка, 23 километри, поради конфигурацијата може да чини од 300 до 350 километри.