Бизнис
5. April 2018 - 13:40

Сугарески во обиколка на експресниот пат Штип-Кочани

Далноводи на МЕПСО, археолошки локалитети, асфалтна база на кинески Синохидро се дел од пречките кои се наоѓаат на експресниот пат Штип-Кочани. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов кои беа во обиколка на овој пат, којшто е во изградба, велат дека во изминатите пет месеци дел од овие проблеми се надминати,  20 отсто е извршено трасирањето на делницата од Штип до село Крупиште и над 95 проценти е завршена експропријацијата на земјиштето.   

- Ова е нов патен правец, кој има 28 километри должина. Во моментов се работи на делницата од Штип до Крупиште, која што е 14 километри и има вредност од околу 20 милиони евра. За втората делница, која што треба да биде од Крупиште до Кочани, во моментов се одвива тендерска постапка и по нејзиното завршување ќе се отпочни со сите активности. Морам да кажам дека на овој патен правец наидовме на одредени проблеми, сега разговаравме тука и со изведувачите и со надзорот, кои што проблеми се надминуваат и очекуваме во најбрз можен период да се интензивира работата на овој експресен пат, вели Сугарески.

Тој истакна дека Владата е силно фокусирана на изградбата на патишта во источниот и југоисточниот регион, а се предвидени над 300 милиони евра, кои ќе се инвестираат во нова патна инфраструктура и реконструција на магистралните и регионални патни правци.

- Знаете дека покрај овој патен правец се работи интензивно и на автопатот Штип-Миладиновци, реализацијата од ден на ден се повеќе се зголемува така што согласно со анекс договорот што го имаме со кинески Синохидро очекуваме  таа делница да биде завршена до крајот на септември, вели Сугарески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов рече дека проектот за експресниот пат Штип-Кочани има неколку пропусти, но не верува дека овие проблеми во подолг временски рок би ја забавиле изградбата на патот, бидејќи проблемите ги решаваат експресно.  

- Поубавата работа од овој пат е тоа што е трасиран со своите 11,5 метри на ниво на експресен пат и за разлика од другите експресни патишта ќе биде со заштитна ограда и по пат нема да има толку многу приклучоци и клучки, каде што би можела да биде загрозена безбедноста за усчениците во сообраќајот. По самата димензија, пак, претставува една коловозна лента од еден автопат. Што значи со самата експропријација, која е земена предвид и после десет или 15 години, ако интензитетот на сообраќјот, толку многу ги надмине потребите може слободно да се изгради уште една лента за автопат, вели Китанов.

Тој најави дека за 10 дена стартува официјално изградбата на експресниот пат Штип - Радовиш, инвестиција од околу 40 милиони евра. Станува збор за сосема нова траса од штипскиот затвор до рудникот Бучим, а според градежната компанија која го има добиено тендерот, градежните работи треба да завршат во рок од две и пол до три години.