Македонија
19. September 2017 - 12:30

Сугарески: Ќе се олесни постапката за одобрение за градење

Олеснување на постапката за добивање одобрение за градење, како и за останатите барања предвидени со Законот за градба со намалување на процедурите и трошоците, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Законските измени што ќе ги предложи ресорното Министерство се дел од планираните реформи во регулативата во областите градежништво, урбанизам и просторно планирање за кои денеска дебатираат надлежните институции со претставници од Комората на овластени архитекти и инженери.

- Олеснување ќе има во целокупната постапка при добивање одобрение за градба што ги издаваат и општините и Министерството за транспорт и врски. Тоа е процес на олеснување што се надевам дека и низ оваа дебата и она што го имаме како идеја од Министерството за транспорт и врски ќе биде реализирана во наредниот период најбрзо со цел да го почувствуваат и фирмите и граѓаните за да немаме чекање до шест или до осум месец за одобрение за градење, рече Сугарески.

Се планира и усогласување на Законот за градење со Законот за културно наследство бидејќи, како што рече Сугарески, постои колизија во дел од одредбите. Неефикасното спроведување на Законот, според ресорниот министер, се должи и на предвидените високи казни кои најавува дека во иднина ќе бидат намалени.

- Целта е казнената политика во наредниот период да не биде притисок врз градежниот сектор, туку да доведе до дисциплина што во натамошниот период ќе биде запазена од страна на сите, потенцира Сугарески.

Промени се најавуваат и во Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои преку дебатата на надлежните ќе треба да се утврди со колкав процент при изградбата треба да биде опфатено зеленилото.

Министерството за животна средина и просторно планирање, како што најави заменик-министерот од овој ресор Јани Макрадули, ќе се залага за издвојување на просторното планирање во посебен закон.

- Ќе се заложиме во целиот овој процес областа да се дефинира како и во другите држави, ингеренциите да поминат во МЖСПП и да се знае како трајна вредност во кој правец ќе се развива Македонија, а не да се прави од ден за ден со многу измени во една година, рече Макрадули.

Според директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Борјанчо Мицевски, инспекторите најчесто се соочуваат со пропусти во коишто општините не ги исполнуваат своите одговорности и, како што потенцира, и си земаат за право да издаваат одобрение за градба за некои објекти за коишто немаат надлежност, а потоа и не постапуваат врз основа на сите поплаки од граѓаните. Во таква ситуација, укажа, инспекторите се соочуваат со проблемот секојдневно да реагираат на неправилности на овластените градежни инспектори што секако е во колизија со Законот затоа што ние како Инспекторат можеме да направиме контрола само на градбите од прва категорија, а градбите од втора категорија се во надлежност на овластените градежни инспектори.

- Со претстојните измени сакаме да воспоставиме многу поцврста врска помеѓу Државниот градежен инспекторат и овластените градежни инспектори кои често си земаат за право да постапуваат од лични интереси и од интереси на оној кој им е претпоставен, односно градоначалниците. Тие земаат плата од општините и многу малку или несериозно ги сфаќаат препораките од нашите инспектори, нагласи Мицевски.

Министерот без ресор задолжен за подобрување на бизнис регулативата Зоран Шапуриќ потенцираше дека Законот за градење од 2009 година досега 25 пати претрпел промени според, потенцира, дневно-политички и кои било други потреби. Преку Законот ќе се направи конзистентен систем, како и подзаконски акти кои ќе значат подобрување на условите за инвестиции со оглед на огромното учество на градежништвото во БДП.

- Се работи за мултисекторски пристап со вклучување на многу државни институции, компании, локалната самоуправа, коморите... Целта е да се донесат квалитетни законски решенија кои ќе бидат стабилни и кои на транспарентен начин ќе влијаат да се подобри бизнис климата и да се спречи урбаниот хаос, изјави Шапуриќ