Свет
5. November 2015 - 22:10

Судски процес против италијанската мафија и локални функционери во Рим

Во судот во Рим започна судскиот процес против 46 обвинети припадници на италијанската мафија и поранешни функционери на градските власти во италијанскиот главен град, обвинети за корупција и за грабеж на милиони евра, државни пари.

Општински советници и локални функционери се обвинети дека биле во спрега со гангстерите на мафијата,при ограбувањето на фондовите на Рим.

Во овој процес, што се означува како еден од најголемите против припадници на мафијата во Италија, во последно време, првообвинет е неофашистичкиот гангстер Масимо Карминати.

Тој е обвинет дека ја создал криминалната мрежа, подмитувајќи ги локалните советнци и градските власти за извлекување пари кои првично биле наменети за покривање на трошоците за бегалските и мигрантските кампови, како и за собирање на отпадоците во Рим и во неговата околина, во областа Лацио.

Според италијанското обвинтелство, криминалните операции се случувале во време, кога градоначалник на Рим беше десничарскиот политичар Џани Алемано.

Против него исто така се води истражна постапка, но тој е не меѓу обвинетите во сегашниот судски процес.Алемано ги отфрла сомничењата дека бил дел од криминалната мрежа или дека знаел што се случува.

Обвинителството кое по подолго време се занимава со еден голем случај против мафијата, прифаќа дека нејзните акции во Рим, сепак, се разликуваат од дејствувањето на мафијата на југот од Италија, каде мафијашките банди се занимаваат со шверцот на наркотици и се служат со изнудување.