Македонија
26. January 2018 - 16:28

Судот одлучува за притворот на Дурловски, Пешевска и Божиновска, обвинителство бара поблаги мерки

Жаклина Пешевска да биде ослободена од куќен притвор, а Игор Дурловски од затворот во Шутка да оди во домашен притвор. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во барањето доставено до Кривичниот суд бара поблаги мерки за пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, и за еден од органиозаторите на протестите “За Заедничка Македонија”.

„Надлежниот обвинител побара од судот за лицето Ж.П да биде укината мерката куќен притвор и истата да биде заменета со мерки на претпазливост, а за осомниченото лице И.Д. мерката притвор да биде заменета со мерка – куќен притвор. За останатите осомничени лица обвинителството останува на барањето за продолжување на претходно изречените мерки за обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка“, стои во соопштението од ОЈО.

За останатите осомничени за настаните во македонското Собрание, од 27 април, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција побара продолжување на притворот.

На 27 декември минатата година Кривичниот суд, по прв пат им ги продолжи притворите на триесет и петмината инволвирани во настаните во Собранието. Ваквата одлука беше потврдена и од Апелацискиот суд, кој ги одби жалбите на сите осомничени.