Македонија
29. November 2022 - 15:16

Судот му даде рок до 5 декември на Бирото за супервештачењето за Ласкарци

Претседателот на судечкиот совет кој го води предметот со К.бр. 1407/19, поврзан со автобуската несреќа која се случи кај селото Ласкарци и претседателот на Кривичниот суд, денеска остварија средба со претставници и роднини на оштетените лица во случајот.

Надлежниот судија и претседателот, како што информираат од Основниот кривичен суд, се согласни со претставниците на оштетените дека постои застој во постапувањето по конкретниот предмет, кој застој не е по вина на судот.

– Заради тоа, оштетените беа детално и со сите писмени известија и ургенции, запознаени за сите дејствија кои судот ги има преземено изминатава година за навремено добивање на супервештачењето од надлежното Биро за судски вештачења, кое е неопходно за завршување на доказната постапка и донесување на првостепена пресуда, се вели во соопштението од Кривичен.

Од Судот, посочуваат дека до овој момент судот има доставено 10 писмени ургенции до Бирото и пред
секоја насрочена расправа телефонски го контактира директорот на Бирото со барање супервештачењето да биде завршено во најкус можен рок и предметот да биде вратен за да продолжи главната расправа.

– За ургенциите, но и причините за застојот во постапувањето, судот го има известено и Судскиот совет на РСМ, а на неодамнешната средба во судот, на новинарско прашање, свој став околу супервештачењето даде и Министерот за правда. Заради недозволеното одолговлекување на супервештачењето, Судот денеска писмено се обрати до Бирото со напомена дека доколку до 05.12.2022 година предметот со сите списи и со изготвни вешт наод и мислење на биде вратен во судот или доколку од страна на вештите лица не се достави образложен извештај со причини зошто вешиот наод сеуште не е изготвен,
судот ќе биде приморан да ја искористи Законската можност за парични казни на Бирото за судски вештачења, согласно член 237 ст.3 од ЗКП,  како последен инстурмент кој му стои на располагање, се вели во сопштението од Кривичен.

Судот уште еднаш ја известува јавноста, дека ги има преземено сите мерки за судење во разумен рок, дослено почитување на правата на странките и првостепено завршување на предметот.

Заради сензибилноста на случајот, се вели во сопштението од Кривичен, предметот се водеше со забрзано темпо во услови на Ковид ограничувања и беше испратен на супервештачење, заради две претходни спротиставени наоди, како што налага ЗКП, а со цел да не се направи суштинска повреда
во првостепената постапка.