Македонија
15. December 2018 - 16:11

Судот и обвинителството ќе имаат последен збор за амнестијата

Законот за амнестија за 27 април ќе го донесат пратениците, но судот и обвинителството ќе проценат кој ќе биде амнестиран. Вака според пратеничката Фросина Ременски ќе се постигне и помирување, но ќе има и одговорност за собраниските настани. Во изјава за МИА, Ременски вели со ова законско решение ќе се направи јасна дистинкција помеѓу организаторите, насилниците и осудените за обид за убиство. 

Целта беше, од една страна, да се постават рамките со опис на дејствијата поврзани со 27 април кои не можат да бидат амнестирани, а од друга страна да се почитува правото и обврската Обвинителството и Судот да ја водат постапката до краен резулатат.  Индивидуалниот пристап кон законот на обвинетите за настаните од 27 април е исто така почитуван, односно барањето што до надлежниот орган треба/може да го достави секој од обвинетите за настаните. Во таа постапка Судот и Обвинителството ќе го имаат правото да ценат (врз основа на доказите) дали законот важи за лицето што се повикува на амнестија, и какво решение ќе му издаде. Секако жалбената постапка е гарантирана, вели Ременски за МИА.

Потенцира дека помирувањето за собраниските настани е само почеток на работата на новоформираното тело, кое треба да придонесе кон севкупно помирување во општеството.

Заради интересот на пошироката заедница, во случај со настаните од 27 април не беа примарни субјективните чувства на жртвите од настаните. Сметаме дека тоа може да биде појдовна точка за следните чекори во процесот на помирување што секако е еден долгоротраен процес што мораме да го продолжиме. Процесот на помирување, нема да заврши со третман само на настаните од 27 април. Овој процес треба да ги опфати сите извори, причини и терени на исполнување на политички мотивираната радикализација на младото население, говорот на омраза кој раѓа насилство и секако меѓуетничките и меѓуверски односи, вели Ременски.

Законот за амнестија се очекува да биде комплетиран до понделеник. Ако телото за помирување постигне согласност за конечниот текст, не се исклучува можноста до крајот на идната недела ова законско решение да биде ставено на пленрна седница, за чие усвојување е потребна поддршка од 61 пратеник.

Деспина Тодоровска Сител Тв