Судот бара истрага од МВР и обвинителството, адвокатите со нови писма очекуваат да се почитува Законот
Кривичен и Судскиот совет не отстапуваат од намерата да продолжи судењето за ТНТ со поротник чиј мандат истекол. И покрај десетиците писма на одбраната со кои бараат да се утврди завршување на мандатот на поротничката, надлежните институции тоа до сега не го сториле.
„Обврска на судијата поротник е да ја извршува својата функција се додека не биде разрешен од страна на Судскиот совет што е во согласност со Законот за судовите“, велат од Кривичниот суд.
Од советот пак велат дека седницата за ова е закажана за 27 овој месец. Тоа истовремено е последниот термин од закажаните секојдневни судења кои ќе почнат на 13 јануари.
Одбраната и денеска повтори дека нема закон што предвидува констатирање престанок на мандат на судија поротник. Прашува која е причината за одредување дополнителни термини од претходно утврдениот распоред на судења.
„Господине Џолев, повторно ве прашувам врз база на која методологија и критериуми и меѓународна судска пракса утврдивте дека до 27.01 мора да заврши ТНТ. Зошто предметот доби предност пред сите останати како што се Монструм, Талир, Топлик во кој судечки совет се судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани?“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат.
Правните експерти пак сметаат дека одбраната од една страна и судот со судскиот совет од друга страна, теоретски се во право поради слабости во законите.
„Одбраната би можела да оди на тоа дека е познато во јавноста, опзнането за разлика од некои случаи каде што воглавном не ни знаат. До сега никој не приговарал на староста на поротник – кој тоа го гледал, меѓутоа кога е тоа веќе познато за вакви важни предмети каде што и јавноста бара доверба во постапките и во целиот систем, би можело да се приговара дека Судскиот совет не постапува искрено, туку ја развлекува постапката во смисла да се заврши предметот“, вели Гордан Калајџиев, Универзитетски професор.
За преписката меѓу одбраната и судските институции се огласи и министерството за правда. Велат дека не коментираат судски постапки и ги повикаа судиите, адвокатите и обвинителите да ги почитуваат законите.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар