Балкан
1. May 2016 - 13:02

Судири и солзавец во Истанбул за време на првомајските протести

Турската полиција употреби солзавец врз група демонстранти кои денеска се обидоа да се пробијат до плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, иако властите забранија одбележување на Меѓународниот ден на трудот.

Повеќе стотци демонстранти се обидоа да се пробијат до Таксим, по што избија судири со полицијата.

Телевизијата Си-Ен-Ен Турк прикажа снимки како полицајци внесуваат неколку уапсени демонстранти во полициски автобус.

Локалните власти се договорија со неколку синдикати прославата на 1 Мај да се одржи на специјално одреден простор во населбата Бакиркој, во близина на истанбулскиот аеродром, а не во ценатрот на градот.

Канцеларијата на градоначалникот на Истанбул соопшти дека „со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните“ за првомајскиот празник, на должност во градот ќе бидат 24.500 припадници на турските безбедносни сили.

Метро станицата на главниот плоштад Таксим ќе биде целосно затворена, а долж улиците се поставени метални огради, а распоредени се и десетици полицајци во опрема за разбивање на протести.

Плоштадот Таксим е место на судири за време на Меѓународниот ден на трудот откако на 1 мај 1977 година беа убиени 36 луѓе, а 130 повредени, во време кога модерна Турција минуваше низ еден од своите најтурбулентни периоди. гт/13:00