Македонија
15. November 2017 - 12:01

Судењето за „Триста“ одложено за 21 ноември

Судењето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Триста“ е одложено за 21 ноември, поради неприсуство на обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер за внатрешни работи.

Адвокатите на Поповски до Судот доставија медицинска документација дека е на боледување, а според која му е препорачано да мирува. 

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи денеска побара вештак да утврди дали со таа дијагноза Поповски не може да се појави на судското рочиште. Според Фетаи, обвинетиот е лимитиран во одење и седење, но не и, како што кажа, во зборување.

Поповски е обвинет за залоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила и се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра.

Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на  Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Во предметот „Триста“ според одлуката на Апелацискиот суд прислушуваните разговори меже да се користат како доказен материјал.