Македонија
7. December 2017 - 12:21

Судењето за „Насилство во Центар“ се снима рачно со камера

Денешното судско рочиште за случајот „Насилство во Центар“ во Кривичниот суд се снима со камера.

Судијката Татјана Михајлова на почетокот на рочиштето изјави дека судењето се снима со рачна камера, но смао визуелно, а не и тонски.

Адвокатот на обвинетите, Димитар Дангов, реагираше зошто се водат записници на компјутер кога рочиштето се снима со камера. Тој на почетокот на судењето побара сите досегашни записници од рочиштата да бидат поптпишани од странките за да можат да имаат правно дејство.

Во моментов сведочи доскорешниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски, во чие време се случија насилствата за време на седницата на општинскиот совет на Центар.

На рочиштето, меѓудргите, се присутни обвинетиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова. 

На претходните рочишта, како што објави МИА, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски.

Во овој предмет обвинети се уште 12 лица.Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и одлучи дека во доказната постапка може да се користат снимките од прислушуваните разговори.