Македонија
10. April 2018 - 19:17

Судењето за нападот врз Села ќе продолжи на 16 април

Сведоците на денешното рочиште за обид за убиство врз Зијадин Села препознаа дел од обвинетите за случајот. Спикерот Талат Џафери, кој на 27 април беше избран за претседател на собранието,  пред судот посочи 5мина од обвинетите дека биле меѓу присутните граѓани во прес салата.

Џафери опишувајќи го настанот од 27 април, рече дека не видел како и кој го нападнал Села, туку дека слушнал како извикуваат „ со Села завршивме, сега вие сте на ред“ Пред судот сведочеше и Дамјан Манчевски кој во тие моменти бил во близина на оштетениот.

Препозна 3ца од обвинетите за кои вели дека биле меѓу толпата која ги нападнала со се што им дошло при рака. Меѓу оние кои влегле во прес салата имало и лица со фантомки а целиот настан траел околу 2 ипол часа. Според Манчевски, Села кој бил меѓу групата пратеници кои се бранеле од толпата, како и Заев биле мета за нападот.

Од ударите и тој се здобил со скршеница на носот а за цело време слушал многу закани директно упатени кон нив но и закани по Заев и Села.

Александар Кирацовски како трет сведок, препозна 4ца меѓу кои за едниот посочи дека го влечел Села за коса. Тој видел дека Села е удрен по главата и видно повреден а кон него биле упатени директни закани за убиство. Откако бил извлечен за коса тој не го видел повеќе Села, слушнал како некој вели дека е убиен.Според Кирацовски меѓу граѓаните имало и такви кои застанале во нивна одбрана меѓу кои и пратеникот Влатко Ѓорчев.

Следното рочиште е закажано за 16 април кога ќе бидат сослушани други сведоци меѓу кои и пратеникот Мухамед Зекири.

МИРЈАНА ДАВИДОВСКА