Македонија
11. May 2016 - 16:22

Судењето за акцијата во Диво насеље стартува од почеток

Судскиот процес за Диво насеље ќе стартува од почеток. Кривичниот суд одлучи кон процесот за 29 лица обвинети за тероризам да ги приклучи и 8-мината осомничени за логистичка поддршка на оваа терористичка група. И покрај тоа што судскиот процес за Диво насеље се води веќе 3 месеци, тој сега ќе мора да почне од почеток, при што обвинетите повторно ќе се изјаснуваат за вина, а сведоците кои досега беа сослушани, повторно ќе сведочат. Според судот двете групи се товарат за исти кривични дела и нема потреба да се водат повеќе процеси истовремено. Адвокатите пак сметаат дека првиот процес е веќе на половина, додека процесот за втората група обвинети се уште не е почнат.

Економичност на постапката подразбира брзо, ефикасно судење, завршено со што помалку трошоци. А овде веќе се направени толку трошоци со доведувањето на обвинетите на изминатите рочишта, а сега треба да почне се од почеток и овие трошоци одат во вода, вели адвокатот Шасивар Исеини.

Рочиштето за Диво насеље утрово беше одложено, бидејќи спојувањето на двете групи за кривичниот суд претставува технички проблем. Во зградата нема сала за 37 обвинети, 15 адвокати, голем број судски полициски службеници и новинари. Од таму велат дека веќе се обратиле до  Министерството за правда со цел да им се отстапи големата сала во Врховниот суд која се користеше на почетокот. Во писмото од Врховен пак, се вели дека салата е наменета за свечености, а не за судење. Дополнително, судењето за Диво насеље во целост ја загрозува безбедноста и редовното функционирање на судот.

„Ви укажуваме дека покрај Врховниот суд на Република Македонија и други државни институции располагаат со сали кои обезбедуваат доволен простор за спроведување на наведениот судски процес, дотолку повеќе што сметам дека во исполнувањето на безбедносните услови, подобро е судењето да се одвива надвор од комплексот на судските згради, се вели во писмото потпишани од претседателката Лидија Неделкова.

Процесот за Диво насеље продолжува на 19-ти мај, за кога судот ќе се обиде да обезбеди просторни, технички и безбедносни услови за судење.