Македонија
25. December 2015 - 16:40

Судењето на дадилката која физички малтретираше 9-месечно бебе затворено за јавноста

Јавноста нема да дознае зошто дадилката од Ѓорче Петров физички го малтретирала 9-месечно бебе. Судењето утрово стартуваше зад затворени врати. Судијата Драган Николовски појасни дека ваквата одлука е донесена со цел да се заштити личниот и приватниот живот на обвинетата која има над 60 години, личниот и приватниот живот на бебето и неговото семејство , но и заради намалување на последиците од кривичното дело.

Овој случај пред неколку месеци ја потресе македонската јавност откако блиска роднина на социјалните мрежи ја објави снимката на која се гледа како дадилката наместо да го смирува расплаканото бебе, таа бесмилосно го тепа. Камерата ја поставил таткото на 9-месечното бебе кој неколку недели по ред забележувал модринки по телото и главата на своето вознемирено дете.

Адвокатот на обвинетата пак тврди дека детето нема тешки телесни повреди, бидејќи вештачењето е направено од страна на нестручно лице, без преглед и дополнителни анализи врз бебето.

„Според мене основно што денес се расчисти е дека камерата е поставена не поради сомневање дека наводно обвинетата несоодветно се однесува спрема детето, туку исклучиво за да се осознае фактот како поминува еден работен ден на обвинетата со детето и дали таа го изнесува доволно детето на воздух, како што родителите сметале дека треба да се изнесува“ вели адвокатот Ванчо Митев.

По објавување на снимката, Јавното обвинителство го покрена случајот по допрен глас и против 62-годишната дадилка е поднесена кривична пријава за „запуштање и малтретирање на малолетно лице“, за што и се заканува казна затвор од 1 до 10 години.