Македонија
26. March 2018 - 17:18

Судење за „Поткуп“: Сведокот тврди дека Заев побарал поткуп, одбраната тврди дека сведокот ги менувал изјавите

Цели 6 часа клучниот сведок во судската постапка Поткуп сведочеше за начинот на кој му било побарано мито за легализација на градежно земјиште во Струмица. Бизнисменот Иван Николов пред судот рече дека на првата средба со тогашниот градоначалник, Заев му побарал дополнителни 3 евра за метар квадратен, 1 евро лично за него, 1 за изградба на црква и 1 евро за финансирање на СДСМ. Поради огромната сума на пари која му била побарана, бизнисменот случајот го пријавил во МВР и во соработка со полицијата и обвинителство било организирано снимањето на разговорите. Сведокот рече дека на средбите на кои бил опремен со камери, го наведувал Заев да бара мито. Ваквото тврдење според премиерот докажува дека тој бил наместен со агент-провокатор, а надлежните немале соодветна судска наредба за тоа.

Во судница денеска не беше пуштена снимката од разговорот помеѓу Заев и Николов обезбедена со посебни истражни мерки. Обвинителството инсистира снимката да биде пуштена без присуство на јавноста заради заштита на сведокот, а последниот збор ќе го има Апелација. Заев вели дека телефонски разговори за овој предмет, поседува и Специјалното обвинитеслтво.

За текот на денешното рочиште власта и опозицијата имаат спротивно мислење. Според СДСМ клучниот сведок во постапката против Заев е дискредитиран. ВРМО-ДПМНЕ пак смета дека по денешниот исказ, Заев повеќе нема кредибилитет да биде премиер.