Живот
3. October 2018 - 10:50

Суд во Саудиска Арабија забрани венчавка оти момчето било музичар

Државјанка на Саудиска Арабија загуби судски процес против своето семејството, кое и забранува да се омажи за нејзин сонародник, со аргумент дека избраникот има лоша репутација бидејќи свири на музички инструмент, објави локалниот весник „Оказ".

Саудијката, инаку дипломирана банкарка од конзервативната провинција Ал Касим, планира да се обрати и до повисоки државни инстанци, со цел пресудата да биде поништена.

Пред две години девојката добила понуда за брак, но семејството сметало дека во религиозна смисла, тој не е достоен за неа, оти свири на жичниот инструмент уд, инаку многу популарен во арапскиот свет. Во поконзервативните средини, занимавањето со музика често влијае негативно на машкиот углед, што значи и понизок општествен статус за момчето.

Саудијката од своја страна, смета дека момчето „има добар углед, и е многу религиозен" бидејќи подолго време е учител.