Бизнис
5. January 2017 - 8:30

Студот ризичен за овошките и виновата лоза

Најавените ниски температури кои во наредните денови се очекува да достигнат минус 20 степени целзиусови нема да предизвикаат никакви штети кај есенските посеви, но претставуваат ризик за овошките и лозовите насади, велат агрометеоролозите. 

Според Ангелко Ангелески од УХМР, можни се оштетувања на родните папки кои се уште се во услови на мирување, а не е исклучено и измрзнување на тенките гранчиња.

- Очекуваме да се формира снежна покривка насекаде во Македонија, вклучувајќи ги и земјоделските региони, особено Пелагонија и Овче Поле каде има житни култури. Тие во овој момент се најмногу изложени на надворешните влијанија но, се надеваме дека нема да претрпат никакви штети зашто снежната покривка делува како изолатор. На удар ќе бидат многугодишните дрвја, виновата лоза и овошките кои се во фаза на презимување, посебно ако температурите паднат до - 18 степени, објаснува Ангелески.

Студот нема да има поголемо влијание врз другите култури. 

- Градинарството во затворените пластеници се одвива нормално. Сепак, потребно ќе биде дополнитлено загревање на овие простории, порачува агрометеорологот Ангелески.