Loading Video...
Македонија
29. April 2021 - 21:13

Студија: Ниту растојание, ниту маска не спречуваат зараза од корона при подолг престој во затворен простор

Ризикот од зараза со новиот сој на вирусот во затворен простор е ист без разлика на меѓусебната дистанца, дури и кога се носи маска, покажува најновото истражување на американските научници. За тоа дали и колку бргу ќе се пренесе вирусот влијаат повеќе фактори, а научниците тврдат дека времето поминато во затворено е поважно од оддалеченоста на заразеното лице. Во студијата се вели дека сите во затворена просторија се изложени на ист ризик без разлика дали се на растојание од 2 или 20 метри.

Кај нас е дозволено да се организираат семинари, конференции, настани во затворено, а дел од факултетите спроведуваат испити и вежби, кои траат и по неколку часа. Студентите велат дека ризикот секогаш постои, иако се почитуваат протоколите.

Но, за доктор Нико Беќаровски студијата потврдува дека во затворен простор се недоволни маските и дистанцата за да се заштитиме од вирусот.

Според министерот за здравство, организирање настани во затворено е дозволено бидејќи маските и дистанцата не се единствен критериум, туку се ограничува исполнетоста на 30% од капацитетот, а задолжителни се паузи и проветрување на просториите.

Докторите апелираат претстојните празнични денови да ги минеме на отворено за да се минимизира опасноста за ширење на вирусот.

Американските научници во својата студија истакнуваат дека дистанцата и носењето маски на отворено немаат никаква смисла.