Македонија
30. November 2017 - 14:44

Студентите бараат функционално и независно студентско организирање

По спроведени консултации на четири универзитети во Македонија студентите денеска на тркалезна маса ги споделија препораките за студентското организирање и побараа независни и функционални студентски парламенти. 
 
- Студентското организирање ја отвори пандорината кутија на УКИМ. Се покажа дека Универзитетот не сака да им помогне на студентите. Оние студенти кои седат во Студентскиот парламент и ги бранат правата на студентите, треба да бидат и одговорни. Студентскиот парламент мора да биде тело во рамките на универзитетот, затоа што така ќе добиеме поголема кохезија. Студентите треба да знаат што е право на глас, односно да научат да го користат, а при тоа да не бидат тепани од комисиите, како што се случи минатиот пат. Се надевам дека ова е последна конференција на која се зборува за студентското организирање и дека конечно нешто ќе почне нешто да се менува, рече Деа Здравковска од Студентски пленум. 
 
Министерката за образование и наука Рената Дескоска вели дека со новото студенстко организирање ќе се отворат вратите на демократијата во амфитеатрите и аулите со цел, како што рече, да се чуе гласот на студентите.
 
- Амфитеатрите се школи за демократија, искуството што ќе го стекнат студентите низ ваквите демократски практики ќе ги научи како понатаму да се борат и да ги застапуваат своите права. Мојата цел ќе биде автономија во однос на сите и во однос на слобода на истражување, слобода на мисла и се она што значи автономија во рамки на универзитетот. Новото тело треба да биде тело во рамки на универзитетот ослободено од секакви партиски влијанија, рече министерката.
 
Во диксусијата учествуваше и пратеникот Петар Атанасов, кој истакна дека и студентското организирање е процес, а сите процеси, како што рече, течат. Ако во една точка сме задоволни од нешто, посочи, во следна или касниме или имаме простор за подобрување.
 
- Нашето општество не го положи испитот во однос на младите, или заборавивме или не сакавме да размислуваме за младите – особено сегметот за студентското организирање. Општеството немаше вредности кои младите ги учеа, или младите учеа погрешни вредности. Сите заедно и на ист терен мора да изнајдеме решение, рече Атанасов.
 
Дискусијата беше организирана од Младински образовен форум и Фондација Отворено општество – Македонија.