Македонија
16. October 2018 - 11:08

Стружани имаат навика да донираат

Во основните и средните училишта во Струга и струшко од денеска до 22 окотмври се поставени кутии на Црвен крст за собирање пари и донација од храна за семејствата од социјален ризик со што ќе биде одбележана Неделата за борба против гладта.

Секретарот на општинската организација на Црвен крст – Струга Адуриме Даути појаси дека  учениците, кои сакаат да донираат за своите другарчиња од социјален ризик купуваат бончиња од по 20 денари, а собраните пари ќе бидат наменети за храна за најранливите категории.

- Целта е да ги развиеме чуствата за донација и кај најмалите, како што е и мотото на годинашната кампања „Помислете и на нас“. Интересот е голем и од година во година се повеќе расте, не само кај децата, туку и кај возрасните.  Свеста за донирање кај стружани секоја година се зголемува, изјави Даути.

Според неа, во Струга нема регистрирани бездомници, а не располагаат со податоци за тоа на колку лица им е потребна помош од храна. Црвен крст, како што нагласи, помага со донации од храна и средства за хигиена онаму каде што е потребно.

Општинската организација на струшкиот Црвен крст во соработка со „Здружение на професори на италиански јазик“ под мотото „Заедно можеме повеќе“ во средното општинско училиште „Ибрахим Темо“ денеска и утре организираат хуманитарна акција за собирање на тестенини.