Македонија
6. July 2017 - 16:31

Струшката депонија повторно гори - Црн Дрим тече во црвено, стружани сметот го фрлаат пред општината

Депонија која гори, река во црвена боја полна со хемикалии, ѓубре истурено среде централниот плоштад- општината Струга раководена од кадри на Зијадин Села е во хаос.

Фотографиите од реката Дрим кои синоќа беа објавени во медиумиоте дополнително ги вклучија алармот. Водата беше обоена во црвено од тампонот и камењата фрлени во речното корито. Според градоначалникот Мустафа Забзун,  реката Дрим  се обоила кога локалната власт ги отстранувала градежните материјали од речното  корито. Граѓаните се револтирани и бесни од еколошката катастрофа која ја снајде Струга. Стравуват за сопственото здравје, можните зарази и уништување на живиот свет во реката.

Депонијата во Струга од вчера попладне повторно гори. Загадувањето почна уште во средината на април и од тогаш не престанува. Никој не презема одговорност бидејќи како што велат од општината, со депонијата никој не раководи. Распишан е јавен повик  за доделување јавна набавка за одржување на дивата струшка депонија, овојпат во износ од 5 милиони денари. Но оттаму велат до сега сеуште никој не се пријавил. Градоначалникот кој е кадар на Зијадин Села, вели дека на местото кај депонијата бил засилен надзорот со  поставување на  камери. Но и покрај тоа, депонијата повторно е запалена а граѓаните не дишат чист воздух со недели.   Поради чадот и лошата миризба бегаат и туристите од градот на поезијата.

Поради нерешавањето на проблемот со депонијата, која одново се запали и ги труеше Стружани преку целиот ден, група незадоволни граѓани вчера вечер исфрлија ќеси со смет пред општинската зграда. Граѓаните сее заканија ако не се дислоцира депонијата во најскоро време, ќе ги блокираат патиштата со масовни протести.