Македонија
13. July 2019 - 16:28

Струмичко - нема хидранти за гаснење пожари

Лошата хидрантска мрежа е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат пожарникарите од струмичкиот регион при  нивната работа.  Овој проблем посебно е изразен во селата  од регионот каде бројот на надворешни хидранти е многу мал. Во дел од населените места тие не се функциОнални, а во голем дел и воопшто не постојат. Од територијалната противпожарна единица велат,  поради ова во случај на интервенција тие се принудени  да губат драгоцено време и за полнење на возилата да патуваат по петнаесетина и повеќе  километри назад.

,, Ги има подземни и надземни хидранти. Дел од подземните хидранти се затрупани. Причинува голем проблем, бидејќи доколку излеземе во некое населено место на пример што е оддалечено 10 до 15 километри од градот треба ПП возилото повторно да се врати назад во ПП единицата да го дополни возилото. Доколку има во тоа населено место хидрант и е во исправна состојба тоа време нема да го изгубиме и последиците и штетите ќе бидат многу помали.,, вели АЛЕКСАНДАР ГУДЕВ – КОМАНДИР НА ТППЕ СТРУМИЦА

Потврда за лошата хидрантска мрежа дадоа и од дирекцијата за заштита и спасување. Од таму потенцираа дека обврската за обезбедување на  на  надворешни хидранти е на општините, односно комуналните претпријатија. По извршените инспекциски надзори веќе било дадено  укажување за исполнување на оваа обврска.

,, Самите општини, односно јавните комунални претпријатија се должни да изготват шема на надворешни хидранти, истата да ја достават до дирекцијата и до територијалната против пожарна единица. При инспекциските надзори на самите општини им е укажано на таа нивна обврска и истите се работат бидејќи за нив треба основен проект и идеен проект бидејќи мора да се направи според закон. Вели МИТКО ДИМЧЕВ – ИНСПЕКТОР ВО ДИРЕКЦИЈА ЗА ЗАШТИА И СПАСУВАЊЕ

Од дирекцијата потенцираат дека согласно законот за заштита и спасување предвидени се и казни за сите одговорни  кои нема да ги испочитуваат своите обврски. Од таму се надеваат дека до ова нема да дојде, а надлежните ќе ги завршат нивните обврски. Пред неколку години со казни се соочиле неколку општини од регионот кои не спровеле мерки не само за пожари туку и за поплави, евакуација и санации на терен.