Македонија
18. February 2019 - 15:44

Струмичките пожарникари апелираат да не се палат стрништа и сува трева

Командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев упати апел до граѓаните од струмичкиот регион да не ги палат стрништата и сувата трева, бидејќи често пати тоа преминува во оган на отворен простор.

Апелот доаѓа по зачестените пожари на отворено, а неколку од нив беа опасни и зафатија голема површина. За нивното гаснење беа ангажирани поголем број пожарникари.

-За гаснење на овие пожари ангажираме значителни ресурси и многу лесно може да се случи доколку имаме пожар во објекти или куќи и каде се загрозени човечки животи да интервенираме со задоцнување, вели командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.

Додава дека палењето оган на отворено е забрането и затоа се предвидени и високи парични казни, што се движат од 500 до 5.000 евра, а покрај тоа сторителите треба да ја надоместат и штетата за доаѓањето на ТППЕ да ги гасне пожарите.

Инаку, од почетокот на овој месец на територијата на струмичкиот регион, со четирите општини Василево, Струмица, Босилово и Ново Село, се регистрирани 41 пожари на отворено.