Македонија
10. August 2016 - 18:29

Струмичанката Билјана Серафимовска го освои Килиманџаро

Струмичанката Билјана Серафимовска синоќа во 7:38 часот по локално време го освои Килиманџаро, највисокиот планински масив во Африка составен од три вулкани со највисок врв од 5.892 метри надморска височина. Со тоа, Серафимовска, стана најмладата Македонка што се искачила на овој планински масив.

- Се качувавме од 1.828 метри и тоа е голема висинска разлика. Качувавме пет дена со аклиматизација, а надолу за еден ден. Искачувањето беше од Кибо-поинт 4.709 метри до врвот Ухуху- Килиманџаро на височина од 5.895 метри. Оваа делница ја качувавме ноќта околу 01:00 часот за рано да стигнеме на врв и да може да се симниме доле додека е светло, објаснува Серафимовска за МИА по денешното безбедно враќање во подножјето на планината.

Радоста за искачувањето е неверојатно, додава Серафимовска, која го носи епитетот најмлад македонски качувач.

- Искачувањето секогаш е полесно, отколку симнувањето. Зашто бара повеќе напори и концентрација после долгото искачување. Секако, прекрасно е чувството кога целта е остварена и кога повторно ги надминуваме сопствените граници и сфаќаме дека можеме уште повеќе. Но, тогаш веќе размислуваме за нови предизвици и нови достигнувања. Никогаш ништо не е последно, вели Серафимовска.

На 16 години Серафирмовска го освоила највисокиот врв на Алпите, Мон Блан (4.807 метри н.в.) и станала најмлада Македонка која стапнала на тој врв. Потоа го освоила и највисокиот европски врв Елбрус (5.642 метри н.в.) со што станала најмладата девојка на Балканот што успеала да стапне на покривот на Европа и добила признание од Руската федерација за алпинизам. На 18 години се искачила на врвот Ајланд Пик (6.189 метри н.в.) на Хималаите. Од вкупно девет членови на меѓународната експедиција, четворица биле од Македонија, а Билјана поставила нов рекорд – најголема достигната височина на девојка од Македонија, но се вброила и меѓу првите освојувачи на Ајланд Пик од Македонија. Во 2011 година, на дваесетгодишна возраст, таа е дел од меѓународната експедиција за искачување на највисокиот врв во Ј. Америка – Аконкагва (6.962 метри н.в). Ја нарекуваат принцеза на височините, а таа вели дека и навистина така се чувствува.