Македонија
30. December 2021 - 12:24

Струмица успешно се справува со граѓаните кои го узурпираат јавниот простор

Заедничките координирани контроли на институциите во Струмица ги даваат првите резултати. Уличните продавачи речиси и да ги нема, а сообраќајните и пешачки површини се помалку се узурпираат.  Веќе се  поднесени и дваесетина прекршочни и две кривични пријави.  Градоначалникот Костадинов вели дека целта не е да се казнува туку да се стави ред,  а секој  што го почитува законот, и апелите на институциите  нема да се соочи со никаква санкција.

Од СВР Струмица информираа дека нивни службеници секојдневно се  на терен и нема да прават никакви отстапки кога станува збор за узурпација на сообраќајните површини.

На последната седница локалниот совет за превенција го отвори и прашањето за нелегални козметичари, тема која се наметнала по пријава на граѓани. Заклучокот е дека и за овие лица ќе важи истото како и за уличните продавачи.

Од минатиот месец локалниот совет за превенција договори да одржува седници секоја последна среда во месецот. На состаноците се разгледува реализацијата на договореното, но се детектираат и нови проблеми.