Македонија
11. September 2018 - 11:31

Струмица одбележува 74 години од ослободувањето

На спомен костурницата над Струмица денеска со пригодна свеченост  беа одбележани 74 години од ослободувањето на градот.
 
За значењето на празникот зборуваше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
 
- Молчи денес оваа Спомен костурница, но и со молкот кажува многу. Во името на борците кои и ја донеле и и ја подариле слободата на Струмица и на нејзините граѓани, ние сме тие што треба да зборуваме, за да го спастриме историскиот времеплов од вечен заборав. И секако, нам ни останува заветот, да го чуваме, негуваме и надградуваме овој град за да им го предадеме на идните поколенија, подобар, поубав и поразвиен. Сето тоа е возможно само во слободна Струмица, истакна градоначалникот Јаневски.
 
Рецитаторите од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за денот на ослободувањето на градот, а претставници на локалната самоуправа, Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата.
 
Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат со промоција на книга и отворање на традиционалната изложба од делата созадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија вечер во НУЦК „Антон Панов“.