Македонија
11. December 2018 - 18:02

Струмица го одбележа патрониот празник, денот на Светите 15 Тивериополски маченици

Струмица им оддаде почит на своите заштитници. Со низа настани и свечености беше одбележан  денот  посветен на  Светите 15 Тивериополски свештено маченици кои ги положиле животите за христијанската вера.  Централното празнување започна синоќа со вечерна богослужба во црквата посветена на петнаесетте светители, а продолжи  денес со Света Архиерејска литургија на која служеше и епископот Полјански г Јаков.

Големиот христијанки празник беше причина голем број верници не само од Струмица туку и од другите делови на државата да ја посетат црквата посветена на петнаесетте светители за да присуствуваат на литургијата, но и да запалат свеќа за здравје.

Со одлука на советот на општината од 97 година , 11 декември е прогласен за празник на градот, а  свештено мачениците негови заштитници. Од тогаш е востановена и годишната награда која  како највисоко општинско признание традиционално се доделува секоја година на граѓани кои дале посебен придонес за афирмација на општината во државата и надвор од неа.  Во рамките на одбележувањето на празникот беа реализирани и повеќе промоции, концерти и спортски натпревари.