Македонија
11. December 2018 - 15:13

Струмица ги празнува заштитниците на градот

По повод духовниот празник на Струмица-Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, Советот на општина Струмица одржа свечена седница, на која за значењето на празникот говореше градоначалникот Јаневски.

-И ако Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици ги прогласивме за заштитници на нашиот град, тогаш ајде заедно со нив да го дозаштитиме, но и да го доизградиме и да го доразубавиме. Тоа секогаш треба да го правиме со љубов, но не постои вистинска љубов кон градот ако не постои љубов меѓу нас самите. Токму затоа, време е да престанеме да се оттуѓуваме, време е да му се вратиме на човекот во нас, време е да ги рестартираме заедништвото, пријателството, толеранцијата, милосрдието и сите останати општо-човечки вредности, рече градоначалникот Јаневски.

На седницата, на која присустувваа амбасадори, претставници на Владата, пратеници, претставници на верските заедници и гости од земјава и странство, беа доделени традиционалните годишни награди.

За особен придонес во областа на спортот награда за животно дело постхумно му е доделена на Благој Истатов.

Годишни награди за особен придoнес добија Сузана Мицева од областа на книжевноста и новинарството, Зоран Петков од областа на образованието и науката, Делчо Ѓорѓиев од областа на крводарителството и хуманоста, Зоран Мазнејков од областа на музичката култура, Стојан Витанов за афирмација на општината и Биљана Гунова од областа на образованието и културата.

Празнувањата по повод денот на заштитниците на Струмица продолжуваат и во наредните денови со културни и спортски манифестации.